Автор: Мишел Де Гелдерод Режија: Владимир Милчин Премиера - 16.11.2019 Човечето Пантаглез останува архетип, човек за пример, останува човек и во времето кога сѐ е обесчовечено. Тој е последниот поет, а поет е оној кој верува во небесните гласови, откровенијата, во нашето божествено потекло. Тој е човек кој во срцето го зачувал богатството на своето детство и кој низ катастрофите поминува со апсолутна невиност. Од Персифал му е чистотата, од Дон Кихот му е смелоста и светата простодушност. А кога умира, умира само затоа што во нашите времиња невините мора да бидат убиени. Таков е законот уште од времињата Исусови. Амин! Мишел де Гелдерод Основниот тон на Гелдеродовото доживување на светот е суровоста која се огласува во смеата. Тоа е клучот на неговата гротеска. Револуционерите во Гелдеродовиот свет не ги унапредуваат општествата, туку уште повеќе ги продлабочуваат човечките страдања. Главниот лик Пантаглез, половина филозоф, а половина кловн, без да сака и без да биде свесен е вовлечен во една група револуционери.Чаплиновското маженце Пантаглез, кој, не претчувствувајќи ништо, со баналната реченица за убавиот ден ќе предизвика револуција во чиј центар ќе се најде и ќе биде стрелан.Тој умира како марионета, манипулиран до самиот крај од силите кои никогаш не можел да ги разбере. Човештвото и денес страда од болеста на заборавот и тоа го плаќа скапо и крваво. Една од мисиите на театарот е да го потсетува човештвото на неостварените и/или злоупотребените идеали, како и на заблудите кои ги заслепуваат и онеспособуваат луѓето. Боите се измешани: црвеното е црно, црното е црвено, левото е десно, десното е лево. Убавите денови се денови на помрачување. Помрачување на сонцето и помрачување на умот. Човештвото не научило ништо по сите револуции и контрареволуции. Денес луѓето знаат помалку од она што го знаеле по завршувањето на последната, Втората светска војна. Овој организиран заборав ги прави можни и катастрофите низ кои поминува човештвото на почетокот на 21 век за кој наивно верувавме дека ќе го живееме во „најубавиот од сите светови“. Ете ја Гелдеродовата метафора на модерната егзистенција: умираме во стапица без да знаеме зошто. Мрачна приказна, бездруго. Но Гелдеродовиот ироничен јазик и живописните ликови прават „Пантаглез“ да биде моќна пиеса, без оглед на тоа на која страна на барикадите стои гледачот. Владимир Милчин улоги: Зоран Љутков - ПАНТАГЛЕЗ, овластен јунак на денотСоња Стамболџиoска - РАХЕЛА ЗИЛБЕРШАЦ, ЕврејкаСтефан Вујисиќ - ПОЗОН, полицаец, ограничен итрецДимитрија Доксевски - БАМБУЛА, црнецЗлатко Митрески - ИНОКЕНТИЈ, келнерАлександар Степанулески - БЕРГОЛ, брадест и куцДамјан Цветановски - ЛЕКИДАМ, млад ондулиран поетЛазе Манасковски - МАК-БУМ, генералИгор Георгиев - УГЛЕДЕН АДВОКАТ / ШЕФ НА КАНЦЕЛАРИЈАПредраг Павловски - ГЕНЕРАЛИСИМУСФилип Трајковиќ, Жарко Јовановиќ, Симон Манасковски, Стефан Петровски и Никола Ристески - ОФИЦЕР, ВОЈНИЦИ, ПОЛИЦАЈЦИ, ДЕМОНСТРАНТИ Превод: Најден НастевСценограф: Крсте С. ЏидровКостимограф: Марија ПупучевскаИзбор на музика: Владимир МилчинТон мајстор: Чедомир МладеновскиСветло мајстор: Дејан БлажевскиИзработка на видео материјал и фотограф: Филип КондовскиИзработка на плакат: Нита Муча Инспициент: Гоце БојчевСуфлер: Даница Илиева