„Скоро секој автор би рекол дека го претпочита театарот, или подобро речено, тој магичен сценски круг во кои се случуваат сите сценски промени, случки и настани, круг кој честопати е наречен „сценски ринг што живот значи“, круг како централно жариште и магично поле кое ги обединува и публиката и целиот задкулисен живот во театарот.“ - Мето Јовановски
dramski on mobile

 

 

НАЦИОНАЛНА УСТАНОВА ДРАМСКИ ТЕАТАР - СКОПЈЕ

Магичниот круг започна на 21.04.1946 година со првата куклена претстава Силјан Штркот, работена според народна приказна, а веќе од 1949 година театарот се именува како самостоен Куклен театар. На 10.01.1958, со првата жива претстава Принцот и просјакот од Марк Твен и Сергеј Михалков, се создава Младинско-детскиот театар. Во 1964 од Македонскиот народен театар се издвојува една група од проминентни актери и актерки, кои пристапуваат во Театарот. Во 1967 година, на Стерииното позорје во Нови Сад изведбата на претставата Покојник од Бранислав Нушиќ ја добива главната Награда за најдобра претстава. Со истата претстава театарот учествува и на белградскиот Интернационален театарски фестивал- БИТЕФ. Официјално, од оваа година, театарот го добива и името Драмски театар – Скопје.
Во наредните години театарот настапува на повеќе интернационални театарски фестивали и манифестации, притоа секогаш претставувајќи се со внимателно одбрани претстави од домашни и странски автори, а во реализација на одлична актерска екипа. Театарот е добитник на награда на Стерииното позорје во Нови Сад за претставите: Диво месо (1980) и Кула вавилонска (1990) од Горан Стефановски; Специјална награда на Стерииното позорје во Нови Сад за претставите Јане Задрогаз (1975) на Горан Стефановски, Еригон на Јордан Плевнеш (1982) и Медеја од Дане Зајц (1991); Награда за најдобра режија на Стерииното позорје во Нови Сад за режисерите Љубиша Георгиевски (два пати) и Слободан Унковски (три пати); Награда за најдобра улога на Стерииното позорје во Нови Сад за актерите: Крум Стојанов (два пати), Мери Бошкова, Милица Стојанова, Благој Чоревски, Ненад Стојановски (два пати), Снежана Стамеска, Лилјана Богоевиќ-Јовановски, Петар Темелковски, Ѓорѓи Јолевски. На Фестивалот се добиени и многу награди за сценографии, костимографии, текстови и др.
Драмски театар – Скопје редовно настапува и на МЕСС (Фестивалот на мали и експериментални сцени) во Сараево, каде со голем успех се претставува со врвна реализација на своите претстави. Значајни награди и признанија од овој фестивал имаат добиено актерите: Мите Грозданов, Благој Чоревски, Мето Јовановски, Снежана Стамеска, Петар Темелковски, Билјана Беличанец-Алексиќ, Никола Ристановски. На истиот Фестивал главни награди имаат добиено и претставите: Ништо од Артур Копит во 1972; Ослободувањето на Скопје од Душан Јовановиќ во 1979 и Еригон од Јордан Плевнеш во 1982. Многу главни актерски награди добиени се и на Театарските игри „Војдан Чернодрински" во Прилеп каде им е оддадено високо признание на актерите Благој Чоревски, Мето Јовановски, Драган Спасов, Ленче Делова, Стево Спасовски, Петар Темелковски, Сенко Велинов, Ѓорѓи Јолевски, Дејан Лилиќ, Сашо Тасевски, Ирена Ристиќ, Лилјана Велјанова, Маја Вељковиќ-Пановска, Јелена Жугиќ, Никола Ристановски и други. За своите настапи со Драмски театар на Фестивалот „Ристо Шишков" во Струмица наградени се актерите: Диме Илиев, Владимир Ангеловски, Петар Темелковски, Игор Џамбазов, Сенко Велинов и Дејан Лилиќ.
Покрај многубројните фестивалски награди, Драмски театар – Скопје, како институција, ги има добиено и главните републички и сојузни (во бивша Југославија) признанија, заклучно со Орденот за заслуги со златна звезда на претседателот Јосип Броз Тито (највисоко признание во бивша СФРЈугославија).
Од изминатиот Репертоар на Големата и на Малата сцена, до сега, биле изведени многу пиеси од, речиси, сите познати (или млади) драмски писатели: Ристо Крле, Томе Арсовски, Васил Иљоски, Коле Чашуле, Оливера Николова, Симон Дракул, Богомил Ѓузел, Стеван Таневски, Петре М. Андреевски, Ѓорѓи Сталев, Димитар Солев, Славко Јаневски, Горан Стефановски, Миле Попоски, Русомир Богдановски, Јордан Плевнеш, Сашко Насев, Братислав Димитров, Југослав Петровски, Венко Андоновски, Жанина Мирчевска, Дејан Дуковски ...
Поважни претстави на дела од странски автори се: Дундо Марое /Марин Држиќ/, Тројанки /Еврипид-Сартр/, Покојник /Бранислав Нушиќ/, Ромул Велики /Фридрих Диремант/, Макбет, Хамлет, Ноќ спроти Водици, Бура /Вилијам Шекспир/, Што виде собарот /Џо Ортон/, Рибарски караници, Ладало /Карло Голдони/, Артуро Уи /Бертол Брехт/, Хамлет од Долно Гаштани /Иво Брешан/, Јас, Клаудиј /Џон Мортимер/, Болва во уво /Жорж Фејдо/, Хенрих IV /Луиѓи Пирандело/, Цар Едип /Софокле/, Среќни денови, Чекајќи го Годо /Семјуел Бекет/, Трамвајот наречен желба, Мачка на вжештен лимен покрив /Тенеси Вилијамс/, Столови /Ежен Јонеско/, Дон Жуан, Вообразениот болен /Молиер/, Крвави свадби, Домот на Бернарда Алба /Лорка/, Балкански шпион /Душан Ковачевиќ/, Ивона, кнегиња бургундска /Витолд Гомбрович/, Крал Иби /Алфред Жари/, Смртта на Дантон, Војцек /Георг Бихнер/, Стапица /Тадеуш Ружевич/, Сили во воздухот /Небојша Ромчевиќ/, Долго патување во ноќта /Јуџин О`Нил/, Самоубиец /Николај Ердман/, Спасени /Едвард Бонд/, Балконот /Жан Жене/, Емигранти /Славомир Мрожек/, Калигула /Албер Ками/, Животот е сон /Калдерон де ла Барка/, Розенкранц и Гилденстерн се мртви /Том Стопард/, Ревизор /Николај В. Гогољ/, Питачка опера /Ватслав Хавел/, Квартет /Хајнер Милер/, Црна комедија, Амадеус, Јонадаб /Питер Шефер/, Гардеробер /Роналд Харвуд/, Вујко Вања,Три сестри /Антон П. Чехов/, Свадбата на Фигаро /Бомарше/, Роберто Зуко / Бернар-Мари Колтес/, Европа /Рене Калиски/, Поблиску /Патрик Марбер/, Земјомерот /Николај Колјада/, Мефисто /Клаус Ман/, Марисол /Хозе Ривера/, Поручникот од Инишмор /Мартин Мекдонах/, Комшилук наопаку /Нина Митровиќ/, Касапски кучиња /Квентин Тарантино/... Овие претстави биле режирани од познати македонски и гостувачки режисери од бивша Југославија и од сегашните држави од истата, потоа од Англија, Бугарија, Полска, Франција, САД ...
Позначајни претстави од домашни автори, прикажани во Театарот во последните години, се: Диво месо, Тетовирани души, Жив чоек, Лет во место, Демонот од Дебармаало /Горан Стефановски/; Чија си, Грев или Шприцер /Сашко Насев/; Среќата е нова идеја во Европа, Последниот маж, последната жена /Јордан Плевнеш/; Филоктет, Јована Орлеанска, Македонски рулет /Љубиша Георгиевски/; Ни ќар ни зијан /Братислав Димитров/; Словенскиот ковчег, Кандид во земјата на чудата /Венко Андоновски/; Друга страна /Дејан Дуковски/; Кино "љубов" /Јани Бојаџи/ ...
Драмскиот театар гостувал во Франција, Германија, Бугарија, Полска, Романија, Чешка, Словачка, Венецуела, Австралија, Турција, Египет, Австрија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Италија, Русија, Украина, Албанија, Канада, Колумбија со учество на нивните локални и меѓународни театарски фестивали.

 

 
 


    Пребарување
         
  ЧПП

 

Најава
 
   
Корисник
Лозинка
    
Нов корисник  
Ја заборавивте лозинката?
   
         
Анкета
 
  Дали ви се допаѓа новиот дизајн на сајтот на Драмски Театар Скопје
   
    Да
    Не
   
         
 
Драмски Театар
         
 
 
 
 
 



Powered by Net Consulting & Solution
Copyright © Dramski Teatar Skopje, 2008
 
users online
Android BlackBary Ios