„УЛОГИТЕ МИ ПОМАГААТ ДА СОЗРЕАМ ПОВЕЌЕ КАКО ЛИЧНОСТ, НО И ДА СЕ ИСПИТАМ СЕБЕСИ КАКО АКТЕР“ – ЗОРАН ЉУТКОВ

27 Февруари 2020

Зоран Љутков, актер при Драмскиот театар во Скопје,  кариерата ја започнува пред повеќе од 15 години по завршување на постдипломски студии надвор од земјата. 

Зоран Љутков

 Јавноста го знае како актер кој дефинитивно знае да го одржи вниманието на публиката преку комплетна трансформација во улогата која што му е доделена. На тема професионални и лични случки од животот во продолжение на интервјуто кое беше направено во Хотел Влахо во Скопје.

HВо 2001 година дипломирате на Академијата за драмски уметности во Скопје, за веднаш потоа да заминете во Белград на постдиплмоски студии…Дали заминувањето беше можеби и обид за почетна кариера таму или единствена цел беше доедукацијата?

Не мислев професионално да се занимавам со таа проблематика по завршувањето на постдиломските студии за сценски дизајн. Едноставно,многу го сакам театарот, сакам се што е поврзано со него, ме интересира сценографија, музика, светло, костим. Ги почитувам сите професии кои што создаваат театарот. Многу често од актерите се бараат мислења додека разговараме и подготвуваме претстава за нејзиниот целокупен изглед. Сугестиите многу често се земени предвид. Професионалните сценографи многу повеќе ќе ја примат сугестијата бидејќи се тетатарски луѓе, отколку во поново време архитектите кои што изработуваат сценографија. Кај нив суетата е малку поинаква и затоа поинаку реагираат. Така што, во контекст на прашањето, да одговарам до крај – јас сакав да ја знам целата проблематика. Првата година на факултет во Белград беше општа, тогаш постдиломските траеја 2 години. Фокусот беше на сценографија, светло, музика и костимографија. А втората година одбравме насока. Мене ме интересираше сценографијата и светлото и тоа не дизајнот, туку технологија на изработка.

Кај нас тоа е всушност најголемиот проблем – како се изработува. Дизајнот може да го направи кој било за претставата, но технологијата на изработка, монтажа, демонтажа се најважните делови од тоа.

H: Како беше додека бевте на постдипломски студии во Белград?

Беше супер затоа што бев во добра генерација. Не живеев во Белград, патував на неколку дена и се враќав. Бевме тројца од Македонија кои што добивме бенефити во однос на школарината, бидејќи беше многу скапа. Всушност ние влеговме во нивната квота и бевме третирани како српски студенти. Бевме првата генерација на сценски дизајн. Убави времиња беа тоа, до денес сме пријатели со колегите од таму, посебно со професорот, кој сега е веќе декан на факултетот. Таа школа се префрли од Белград во Нови Сад и стана школа, не само за мастер, туку и за основни студии. На мое големо задоволство, еднаш ме поканија во Ужице и им држев предавање на студентите од прва година. Ми понудија да одам на докторски студии кај нив и по можност да останам и да предавам.

H: Размисливте ли за таа опција?

Да, размислив и сфатив дека е апсолутно невозможно заради дистанцата помеѓу Нови Сад и Скопје. Часовите се по 3 дена неделно едно по друго, така што земајќи ги сите околности предвид решив да не прифатам. Иако со таа школа добив некакво просветлување, со предавањето пред студентите, ми се отвори нова љубов и нова димензија кон професијата.

H: Како изгледаше процесот на пробивање светот на актерството, како го доживеавте Вие на почетокот, а како гледате на сето тоа сега од оваа временска дистанца, дали имаше голема конкуренција?

Тогаш немаше многу конкуренција јас кога завршив. Морам да кажам дека сите актери кои доаѓаат од други градови, се ставени во многу неповолна ситуација бидејќи не знаат што ќе се случи со нив понатаму. Конкуренцијата е голема, бројката на студенти кои завршуваат на ФДУ е 10 пати поголема за разлика од бројката која што треба да се прими во тетарските институци на работа. Така што мора да се докажуваш, да имаш многу трпение, има многу разочарувања во тоа што се случува, многу голема борба. Секогаш си на работ дали да останеш во оваа професија заради тоа што не можеш да си го најдеш патот внатре, не од професионален аспект и талентот, туку едноставно од игрите кои што се случуваат околу тебе. Јас 7 години не бев вработен во театар, туку бев на авторски договори во различни театри кај нас. Но тоа не значи дека не ми беше добро.Сакав доколку е возможно така и да остане, ако може некој да го гарантира тој ангажман. Доколку е до мене да одлучам, а околностите дозволуваат, јас би станал фриленс актер, би си плаќал сам придонеси, би ангажирал менаџер и би работел така до крајот на животот. Но, кај нас независната сцена е толку поттисната, неразвиена, никој не ти дава можност да се формираш така, а што е најстрашно од се не можеш да живееш така. Другиот избор е да се вработиш во најдобрата институција.

H: Дали се сеќавате на чувството кое го имавте кога првпат се појавивте на сцена пред публика?

Да, целосно. Јас имав искуство во неколку претстави пред да се запишам на Академијата за драмски уметности. Првата поголема улога ја добив на 16 години, на претстава која беше изведена на античкиот локалитет Стоби. Од 1991 до 2001 година, Велешкиот театар секоја година имаше имаше премиери на локалтетот, потоа се формираше фестивалот на античка драма Стоби. Третата претстава која се одигра беше „Хекуба“, ја режираше Стојан Стојановски, а јас го играв синот на Хекуба – Полидор кој што ја отвара претставата како ангел со монолог од неколку страни. Иако немав искуство, не заборавив ниту еден збор – само слушнав од публика како довикнаа „Викни погласно“. Од страв од погледот кон 3000 луѓе, го изгубив малку волуменот на гласот. Иако вежбав гласно да го пласирам текстот, сепак кога дојде публика од 3000 луѓе ме зароби и се случи тоа што се случи.

Така некако изгледаше мојот почеток и уверувањето во љубовта кон мојата идна професија. Инаку, првиот професионален ангажман ми беше на академија, во втора година, што е интересно бидејќи до трета година не ни дозволуваа да настапуваме во театар заради фактот што тогаш сме се уште „кревки“. Тоа значи дека ако почнеме со ангажман тогаш, може да ни наштетат во формирањето како актери во иднина. Професорот според профилот што го носиме и талентот, сака првите 3 години да не моделира. Методологијата на работа е многу бавна и затоа трае 4 години. Мораме секој чекор да го осознаеме за да можеме понатаму се што е научено во 4 години да се сублимира во 2 месеци.

H: Колку Ви влијаат улогите на приватниот живот, колку Ве моделираат како личност надвор од работа?

Тоа е умешност и техника која што некои актери можат да ја совладаат, некои не. Јас успеав да го направам тоа, да ги одделам тие две работи. Сфатив колку може животот да ми се меша во професијата, но и обратно. Ми се наметна самото, веројатно затоа што го носам како карактер и сфатив дека мешањето на двете работи може да ми направи само проблем. Доколку се случи, може да однесе во губење на самодоверба, да почнеш да ги живееш ликовите, па да не може да се снајдеш во средина, тоа води до депресија и крајот може да биде лош. Интересно е што улогите ми помагаат да созреам повеќе како личност, но и да се испитам себеси како актер.

H: Дали знаете кога не сте добар на пробите?

Да, апсолутно! Секогаш до половина од процесот не сум добар. Тоа ми е драго што е така, затоа што ако од старт фатиш нешто немаш каде понатаму да одиш., Тоа ние го викаме „на прва топка“. Некогаш е многу добро, на пример ако станува збор за филм. Но, мене ми е многу интересно во театарот да испитувам, да тргнам од најдлабоката точка па да го барам ликот во процесот, па да го изгубам, да се разочарам, но на крај да го добијам тоа што го сакам. Во текот на пробите и претставите влегувам и излегувам од улогата. Тоа е таа техника. Има актери кои трчаат 15 мин во место зад сцената за да влезат задишани. За мене тоа е непоимливо. Искуството и техниката дозволува во еден момент да разговараш со колегата позади сцена, а следниот да глумиш задишан на сцена.

H: Имате ли некој задолжителен ритуал кога се подготвувате за премиерна улога на сцената, дали можеби сте суеверен па тој ден мора да направите неколку работи како што сте ги замислиле?

Не сум суеверен, но имам принцип на подготовка и работа. Ги прецизирам работите секогаш затоа што во нашата професија телото памти повеќе од мозокот. Тоа вака би го објаснил наједноставно. Кога живеете во еден простор, ваш простор како што е домот, знаете што точно каде се наоѓа и дури можете во темнина да функционирате и да мислите на нешто сосема друго, а сепак да ја завршите работата. Мозокот е програмиран на тој простор и ако нешто се смени, можете да згрешите. Така се научив, се програмирав во професијата и јас. Така ги меморирам работите, за време на процесот, така што ако ме оставите 3 месеци без да ја играм претставата, текстот ќе го заборавам , ќе ми треба време да се сетам, но кога ќе се појавам на сцена, телото ме носи по просторот. Како актер ја имам таа способност ка која што сум посебно горд. Мозокот ќе ми се растерети од текстот, но телото не ја заборава сцената. И сега да речеме ако од првиот ден влезам во мојата гардероба, носам кафе, пушам цигара и седнам на одредено столче, а истиот ритуал се повтори вториот и третиот ден, тоа така ќе ми остане до крај, до премиера.

H: Кога би имале сега можност повторно да бирате во која насока ќе се движи кариерата, дали би одбрале театар или филм?

Театарот е нешто кое што ме исполнува. Никогаш немав дилема дали сакам или не сакам театар, за мене тоа беше решена работа. Филмот го сакам бидејќи тоа ќе остане како трајна вредност која нема да биде заборавена, Тоа е голема одговороност во моментот. Она што ќе го направите на филм, ќе остане засекогаш. Затоа тоа е една „зипувана“ уметност каде што имате 5 минути да го доловите моментот. Ќе ви дозволат да го повторите, еднаш, двапати, трипати… но не може да повторите 100 пати. Кога би бирал повторно, тоа би било уште еднаш театарот. Театарот духовно ме храни, филмот го сакам затоа што и финансиски се исплати.

H: Дали имало момент кога сте сакале да се откажете?

Никогаш. Моментите пред премиера знам да си речам себеси – зошто го правиш сето ова, зошто си го ставаш здравјето и психата на тест, зошто воопшто мораш да имаш стресови во животот, нели можеше да одбереш некоја попрактична работа каде што ќе беше поспокоен. Но, успевам да уживам во животот и на тој начин да си ја вратам енергијата. Во последнава година ги одиграв најтешките улоги досега за мене. Така се случија,бев одбран. Велам најтешки, бидејќи по обем, текстуален и психолошки, се и автори и ликови кои што ретко се нудат..

H: Кој е Вашиот впечаток за луѓето генерално, колку се информирани во однос на театарската сцена, колку сме културно напреднати во однос на минатото?

Не. Ние сме постојано во слободен пад. Станува пострашно, наместо да станува подобро. Сметам дека е така затоа што ние немаме политика на култура, ние немаме луѓе во културата кои што може еднаш да кажат во кои рамки треба да се постави театарот, филмот за да можеме да функционираме. Нас не нема на меѓународната сцена и неа ја нема кај нас. Ние ниту учиме од некого ниту пак му дозволуваме на некого да дојде да ни покаже како треба. А во минатото, во 70те и 80те години сме биле на врвот во Југославија. Културата секогаш имала доволно пари за да функционира. Парите одат или во програма или во капитални инвестиции. Ние се затворивме меѓуанародно, си ги затворивме вратите. Да се смени тоа, за почеток ние треба да „увезуваме“ различни режисери. Наместо тоа, ги вработивме режисерите, тие си останаа внатре и работат во рамките на програмата. Имаме 17 институции, секоја прави по 5 претстави годишно – 2 или 3 од нив може да ја префрлат границата. Толку сме затворени што дури немаме ни слух за она што доаѓа од надвор.

H: Дали би сакале да работите надвор од Македонија?

Да, би сакал да живеам овде, но да работам надвор. Да не е јазичната бариера, би работел во Русија. Секаде е различна културата, единствено кај нас е иста, досадна и стерилна.

H: Дали епизодните улоги и поголеми ангажмани како во серијата „Преспав“ и фамилија „Марковски“ Ви влијаат позитивно, како луѓето ве доживуваат како лик од таму, колку сте задоволни од сето тоа?

Ме поканија да гостувам во првата епизода од третата сезона и сега во четвртата сезона, епизода која имаше голема гледаност. Ликот е едно како е напишан, а друго е како ќе се одигра. Зависи каков актер сте и како ќе го презентирате. Така што, судејќи по гледаноста и реакциите – мислам дека добро поминав.

H: Дали го гледавте „Медена земја“, што мислите за филмот?

Да, го гледав. Но интересно е што не го гледав ниту како документарец, ниту како филм туку ги гледав дечките што прават зад камерата. Ми беше јасно што ќе се случува со приказната, имам викендица во планина, се дружам со пчелари, мојата викендица е помеѓу разурнати куќи како на филмот, од прилика јасен ми е процесот на созадавање на медот и тој начин на фукционирање. Мене ме интересирапе како тие луѓе дошле до тоа да ја снимаат приказната, до начинот на снимање… Инаку, според мене филмот треба да се прогласи за културно наследство.

H: Приватно сте сопруг на Маја и татко на 2 прекрасни девојчиња. Која лекција сакате да ја запаметат Вашите ќерки, кои вредости сакате да им ги пренесете за да бидат личности со кои ќе се гордеете секогаш?

Гледајќи како функионираат меѓу друштвото, гледајќи ги другите деца и кога ќе ги споредам со моите ќерки, мислам дека се на добар да станат воспитани деца. Во денешно време е многу тешко да воспиташ дете и да најдеш пример за воспитан човек. Не можеш да им забраниш на децата да гледаат. Мораш да им дозволиш да слушаат музика, да гледаат цртани. Денес, цртаните филмови се полни со агресија, секој спот, дури оној кој е правен за тинејџери и деца е вулгарен. Тие се следат, се им е дозволено ама ние разговараме на таа тема, зошто е тоа така. Така лекциите кои што сакам да им ги пренесам се во насока на воспитувањето. Знаат што работам досега не ме гледале на претстава во живо, но ме гледаа на „Преспав“ и имаше скандал заради сцената со неверството. Не сфатија дека тоа е само глума, беа разочарани зошто сум ги напуштил. Во моментот кога ја гледале сцената, јас бев на пат и тие си го поврзале моето отсуство со сцената, односно дека јас сум всушност избеган со друга жена.

Инаку, постојано гледаат претстави на Наша Тв каде што во голем дел играм или јас или Маја. Го гледаат Петко и полека почнуваат да сфаќаат дека е нешто друго, дека не е вистина. Само ги нервира фактот зошто сум секогаш „лошиот“. Но ме радува пак, што Петко серијата им влијае позитивно бидејќи без да им сугерирам, преку него забележувам како учат што значи правилно растење.

 

Подготви: Билјана Настеска - Каланоска

Извор: www.hybrid.mk

линк

 

Август
П В С Ч П С Н
27 28 29 30 31 1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30
31 1 2 3 4 5 6

Огласи