Семејство растурено од лицемерие

4 Април 2019

Кон „Фестен“

Психолошката приказна „Фестен“ (Прослава) на Дејвид Елдриџ, успешно адаптирана-драматизирана од Александра Бошковска и режирана од Зоја Бузалковска, ефектно воспстави контакт и однос со публиката и предизвика неподелени емоции какви што може да предизвика само приказна од живиот живот.

Психолошката приказна „Фестен“ (Прослава) на Дејвид Елдриџ, успешно адаптирана-драматизирана од Александра Бошковска и режирана од Зоја Бузалковска, ефектно воспстави контакт и однос со публиката и предизвика неподелени емоции какви што може да предизвика само приказна од живиот живот. Густо исткаената психолошка драма на односи и декаденција во семејството, ни ги разоткрива најскиените тајни што едно - однадвор и наизглед - успешно  семејство може да ги крие. Низ овие затруени односи на едно такво општество, режисерката го води ансамблот од 14 актери со прецизни индикации, правејќи од него едно битие кое во еден здив ги носи сите наталожени емоции, но и траумите што се последица на таквите односи во семејството и општеството.  И се’ се открива навидум случајно, на 60. роденден на Хелге, главниот протагонист на ова одметнато семејство составено од неговата сопруга, два сина, ќерка и, неодамна погребаната, друга ќерка.

Исто како во „Проклета авлија“ на Андриќ, и во оваа драма нема невини, од работниците и слугите во луксузната вила, преку  синовите и ќерките, па се’ до мајката и несреќниот татко. Сите тие се по едно камче во мозаикот на човечкото пропаѓање и декаденцијата на семејсвото, кое со години успешно се криело од надворешниот свет и во себе ги трупало сите гадости што ги знаеле ѕидовите на луксузната куќа. Дознаваме – а така е и во реалноста – дека сите се’ знаеле, но никој никому ништо не ни наговестил. Сите се прават невини, асите учествувале во уништувањето на семејството на најгрозоморен начин.  Сепак, некој мораше да истапи, некој мораше да проговори – како што бива и во реалноста. Кога-тогаш, вистината ќе прозбори, но многу доцна би рекле, особено за една од сестрите, која не можела да издржи да ја носи во себе оваа тајна. И кога брат и’ Кристијан – многу добро игран од Александар Степанулески – ќе проговори на  роденденот на татко му, никој не му верува, или барем се преправаат. Всушност, поголемиот дел од нив навиваат за него, за да можат од себе да го тргнат тешкиот товар на тајната што ја носат. Брат му Михаел, напротив, не верува во приказната на Кристијан и станува соочесник во блудните развратности на татко му до самиот крај на претставата. Дејан Лилиќ, брилијантно го гради ликот на брат кој е чаламџија и груб,  кого ни семејството не го прифаќа потполно. На крајот, кога ќе ја разбере целата трагичност на ситуацијата и вината на таткото, останува полн со страв, бидејќи и тој има мала ќерка – играна од најмладиот член на овој успешен актерски ансамбл.

Градејќи ја приказната низ градација на скандали и откритија за таткото сервирани преку здравиците на Кристијан, претставата тече до веројатно клучното признание на таткото: „Само за тоа вредевте“. Тогаш се фрла светлина врз сите скарадности што се случувале во семејството пред очите на постојано присутната мајка Елзе, која тоа го прифатила молчејќи, низ внатрешна болка, но и со дилема: да си замине или да остане, да проговори и да се откаже од целиот конфор, или да го има, но да живее со толкаво страдање, болка и лаги што ги растргнуваат и душата и телото.  Овој лик, убедливо и достоинствено го гради Лилјана Велјанова, која од навидум мала улога според текстот, создава уверлив лик на мајка лицемерка.

Сценографијата на Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска, помага во одмотувањето на дејството и целата трагичност на семејната кал и ѓубре. Се’ се одвива во песок, во кој сите ги пикаат главите како ништо да не се случува околу нив. Костимите на Марија Пупучевска одговараат за роденденска прослава со сите карактеристики на ликовите и нивниот статус во семејството и општеството.

Дали и во овој случај, посредно може да се побара и да се уочи далечна сличност на ова семејство како метафора на современа Европа, преполна декаденција и разврат одвнатре, а однадвор привлечна и посакувана средовечна дама, која си ги знае маните, стравовите и внатрешните проблеми, но сега за сега, тоа е само за внатрешна употреба?

Оваа претстава неизоставно треба да ја гледате.

(Меѓународен театарски фестивал  Театар на раскршћу / Theater at the Crossroads;Збор на критиката: Проф. Д-р. Ненад Новаковиќ, Бања Лука)

Јуни
П В С Ч П С Н
27 28 29 30 31 1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30

Огласи