Стара драма во ново руво - Исклучително модерна претстава

30 Јануари 2019

(„Крал Иби“ според Алфред Жари; адаптација и режија, Васил Христов; продукција, Драмски театар; премиера: јануари 2019 г.)

Тодор Кузманов

Ова „стара“ драма од насловот се однесува на „Крал Иби“ од Алфред Жари која ја скандализираше француската публика на праизведбата одржана во 1896 г. но, која воедно означи и револуција во европскиот театар која потоа преку разни „...изми“ доспеа до театарот на апсурдот од средината на минатиот век. Освен тоа, иако „стара“ таа не престанува и денеска магнетно да ја привлекува публиката заради својат свежина, оригиналност и актуелност. Пакосникот Иби е олицетворение на алчноста, борбата за власт и моќ, за автократијата и безкруполозноста. Неговите карактерни особини ќе дојдат до израз во најчиста форма особено кога тој ќе се добере до круната и ќе се прогласи за крал. Тогаш ја започнува чистката на сите кои би можеле да му застанат на патот и итно им пресудува, го заграбува нивниот имот и пари. Инаку, главното дејство е пародија на шкспировиот „Макбет“: Мајката Иби ќе го наведе Таткото Иби да го убие законскиот полски крал Венцислав и да ја узурпира круната, тронот и кралството.


Но, режисерот Васил Христов прави интервенција и адаптација на драмскта предлошка внесувјќи во претставата изобилство на цитати како од „Магбет“, така и од другите антологиски дела на Шекспир („Хамлет“, „Отело“, „Ромео и Јулија“...). Сепак, многу поважен е неговиот режиски концепт со кој „Кралот Иби“ се пресоздава во претстава која во исто време е дел од театарот на апсурдот, но и од постдрамската театарска номенклатура, односно естетика. Претставата се исполнува со знаци и зборови, се руши театарската илузија, а восприемањето (како и актерската игра) станува симултано и мултиперспективно. Освен тоа режисерот, Христов користи техники на видео спот, цртани филмови, гласовите ги озвучува и отвора простор за изменетата општествена комуникација (гледачи – изведувачи) во услови на сеприсутните информациски технологии. Со сите овие средства и постапки тој сепак останува на постулатите на Жари и неговата претстава наликува на детска игра или игра со кукли. Сцените се менуваат брзо и воопшто претставата има ритам и темпо кои галопираат во обликувањето на зачудните настани и случувања. Во споменатиот корпус на постдрамската естетика, исто така, спаѓа и воведувањето на ролјата на конферансие кој ги најавува сцените, она што кај, Брехт, на пример, се испишаните имиња на сцените што следуваат, потоа тука е и фрагментацијата на играта, стилската хетерогеност и гротескноста. 
Сценографијата што ја потпишуваат Тодор Даевски и режисерот Христов има неколку елементи што ја прават функционална, но и симболичка. Во позадината е високиот подиум со скали кој е домот на владетелот, но и балконот на Јулија, на средишниот сценски простор се менуваат масата која силно асоцира на библиската тајна вечера на апостолите, а потем тука ќе се најде трамбулината како нестандарден елемент, но кој одлично ќе биде употребен за ликвидацијата на благородниците, судиите...а потоа за сцените на галопирање, инвентивно и одлично режиско решение, со исто така одлична актерска изведба; визуелно впечатлива е и костимографијата на Розе Трајчевска Ристовска со својата колоритност и со апликациите кои еднаш се историско лоцирање на ликовите, а друг пат ја потцртуваат иреалноста и гротескноста. Ова особено важи за костимите на трите вештерки! Претпоставка е дека изборот на музиката која е одличен фон и подлога на дејството е на режисерот Христов.


Актерскиот сегмент во оваа претстава за главна карактеристика ја има дистанцата во приодот и креацијата на ликовите. Тука нема ни трага од преживувањето и доживувањето, а истите се заменети со претставување, покажување, лесно поигрување без оглед што станува збор за сериозни и трагични случувања. Игор Ангелов во улогата на Кралот Иби е маестрален во обликувањето на безкруполозниот, безобзирниот, а како што ќе се покаже на крајот и кукавички лик односно човечка креатура. За антологиско може да се смета и остварувањето на Билјана Драгичевиќ Пројковска во ролјата на Мајката Иби. Таа е актерски моќна, жестока, сугестивна. Во ликот на Бордир настапува Зоран Љутков кој актерски одлично ќе се трансформира од подржувач во противник на Иби; Сања Арсовска и Филип Трајковиќ ги толкуваат ролјите на Бургелав и Офелија што не губат ништо со тоа што играат машки односно женски ликови, како впрочем и Јана Стојановска и Долорес Поповиќ во улогите на Болеслав и Ладислав; впечатливи во својата сценска појавност и грациозност се и Софија Куновска и Предраг Павловски во ролјите на кралскиот пар; ефектни и актерски продуктивни се Катерина Шехтанска Лаковски, Маја Вељковиќ Пановска и Емилија Мицевска во ролјите на вештерките; Особено чиста и прецизна е и креацијата на Игор Георгиев како Наратор и Тамара Ристовска во улогата на народот.


Со својата модерна режиска концепција и со стилски хетерогената актерска игра во која наизменично се јавуваат дискретната комичност, саркастичноста и гротескноста, оваа претстава израснува во амблемски театарски чин на Драмскиот театар која по својата оригиналност и исклучително инвентивните решенија во сите сегменти се препорачува за фестивалски презентации и гостувања...

Април
П В С Ч П С Н
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 1 2 3 4 5

Огласи

Следни претстави

Луди за љубов
24 Април 2019
> Билети