Пауза за реалистичност со претставата „Фестен“

13 Декември 2018

„Festen“ (Прослава) првично е дански филм во режија на Томас Винтерберг, продуциран дури во 1998 година. Ја доби наградата од жирито на фестивалот во Кан, таа година. Ова само придодава и многу помага во целата приказна за „Прослава“ како драмска содржина. Прво, сценариото е инспирирано и базирано на вистинска приказна на еден човек што зборувал…

„Festen“ (Прослава) првично е дански филм во режија на Томас Винтерберг, продуциран дури во 1998 година. Ја доби наградата од жирито на фестивалот во Кан, таа година. Ова само придодава и многу помага во целата приказна за „Прослава“ како драмска содржина. Прво, сценариото е инспирирано и базирано на вистинска приказна на еден човек што зборувал на радио. Тоа му било пренесено на Томас Винтерберг од пријател што бил пријател со медицинската сестра на психијатрија, која го третирала истиот тој човек. Винтерберг ја чул таа радиоемисија. Второ, „Прослава“ е првиот догма-филм што го започнува кинематографски-иновативниот бран Dogme 95. Тоа е уметничко движење зад чиј манифест стојат и Винтерберг и Ларс Фон Трир па потоа се приклучуваат и други битни филмски професионалци. Догма-филмовите се водат според повеќе начела, но ниеден од нив не ги исполнува сите затоа што, засега, се чини невозможно, но едно нешто е вистина: тие ги пренесуваат приказните сурово реално. Во нив доминира тонот и визурата на документарец, тие се исечоци, излупени парчиња од кората на стварноста. И токму таа автентичност, целосната театарска екипа, се бори и верно работи за да ја донесе на сцената во НУ Драмски театар пред публиката на секоја изведба на претставата „Фестен“.

Имено, по наградата во Кан, Томас Винтерберг добива понуда за театарско издание на „Фестен“. Понудата ја одбил затоа што сметал дека е мал залог, небитен, ама подоцна авторите на приказната и на сценариото, режисерот Томас Винтерберг и сценаристот Могенс Руков, ги надгледуваат театарските адаптации на Бо Хр. Хансен и на Дејвид Елдриџ и ги дозволуваат. Се јавува и Дениел Бенонин како автор на драмата „Фестен“. Драмата станува еднакво важна како филмот и текстот се поставува насекаде низ Европа, Балканот и светот. И зошто е така ќе кажам понатаму, а тоа е во тесна врска со изведбата во Драмски театар. Режисерката Зоја Бузалковска и драматургот Александра Бошковска се одлучиле да ја понудат сценската адаптација на „Фестен“ зад која стојат авторите Винтерберг, Руков и Хансен, а Дејвид Елдриџ е авторот на самата адаптација. Не случајно затоа што адаптацијата нуди решенија што на возбудлив, поразличен, интригантен начин ги надградува идеите на догма-филмот „Фестен“ и на целото движење.

Дејството во драмата се одвива во една голема селска куќа во Данска. И ако зборуваме само за делот во кој гледаме неколку главни ликови како се сместуваат во собите на куќата, тогаш можеме да кажеме дека сме воајери на повеќе независни дејства што се преплетуваат. Како во ист простор, а всушност се случуваат во различни соби. Режисерката Бузалковска и сценографот Тодор Дајевски, и двајцата одговорни за сценографијата, заедно поставуваат многу чиста, минимална, ефикасна и убава изведба на бања и простор што ја опкружува. Тоа решение ни претставува повеќе соби, режисерски храбро споени во еден драмски простор на сцената што ги обединува поодделните конфликти на одделни ликови во еден необичен, вртоглав сплет, како да се луѓето од различни простории сите во една иста. Така се покажува колку се тие поврзани преку своите проблеми, намери, појави и колку не можат да избегаат од тие проблеми во рамките на една фамилија и таа куќа. Во филмот „Фестен“ ова се реализира со паралелна монтажа односно со исечоци од дејствата во различни соби, кои се надоврзуваат едно по едно, хронолошки. Според начелата на Dogme 95, не е можно постпродукциски и режисерски да се интервенира па да бидат изведени дејствата во филмот како во драмата. Едноставно, адаптацијата и театарот нудат шанса и притоа сето тоа да изгледа толку вистинито за што и се бори целото догма-движење. Инаку, филмот и драмата се фокусираат на една роденденска прослава па треба да се каже дека сцените што ја опфаќаат прославата се повторно засилени и поткрепени со минимална, крајно функционална и метафорична сценографија на Бузалковска и на Дајевски. Столови поставени на платформа со вдлабнатина во која има песок. Тој како материјал може да акумулира и течност и топлина па песокот во претставата, покрај тоа што значи површина можеби во дворот на куќата, тој постои како симбол на сè што се претрпело, премолчело, сите страшни работи што се акумулирале од членовите на една фамилија, од целиот тој простор. Ама таа „топлина“ што ја акумулира, тие куќни конфликти, не останува само во него туку се пренесува, зрачи…

 Јас се извинувам, ама намерно нема да зборувам за приказната и за нејзината содржина и да ја објаснувам макар и накратко. Прво, на многу луѓе им е позната па е излишно, а второ, за оние што не ја знаат оваа претстава е супер можност сами да го доживеат чувството кога ги откриваат деталите. Претставата во Драмски театар тоа им го доловува на еден одличен, одличен начин. Можам само да кажам дека темите што ја прават суштината на „Фестен“ се злоупотребата, траумите, нивните рефлексии, гнилата и болна ароганција на данската аристократија и буржоазија, расизмот, фашизмот, себезаљубеноста, површноста и вештачкиот сјај на фамилијарните и пријателските односи итн. И просто да не знаеш за кој актер да почнеш да коментираш зашто секој од кастот е толку точен, уверлив, многу веродостоен и прецизен во изведбата. Диме Илиев мирно, нетипично наметлив, авторитетен и полн несигурности, просто автентичен како ликот Хелге. Александар Степанулески како Кристијан е издржан во секој гест, одмерен и моќно таинствен, налудничаво загубен во траумата, но и стабилен, со цврста волја да разоткрие еден грозоморен проблем и да оконча долгогодишен, лицемерен, болен молк. Тамара Ристеска – Пија носи свежина, ведрина, љубовна суптилност и едноставност во актерската игра, која покажува многу. Енергијата што му ја дава на својот лик не постои во филмот и воопшто таа навистина додава важни сегменти, емоции на она што е генерално испишано за Пија само преку реплики во драмата. Дејан Лилиќ како Михаел создава една навистина своја верзија на ликот со ексцесивни реакции, жесток темперамент, многу живост што се движи од инфантилна избувливост до интуитивност, цинизам, цврст интелект. Навистина живописна изведба на Лилиќ. Емилија Мицевска која ја игра Мете, е уверливо калкулативна, отсечна, многу фокусирана на самиот менталитет на ликот, лесно ве иритира, но и брзо станува симпатична. Елзе, преку изведбата на Лилјана Велјанова, многу вистинито дава слика за една ментално придушена жена, просто човек што го премолчил непремолчливото и се изгубил во маската што крие многу внатрешен немир. Хелене, во изведба на одличната Соња Стамболџиоска, молскавично брзо ја читаме, навидум налудничав, но всушност потресен, топол, слободоумен, лојален, доверлив и хуман карактер. Дениз Абдула, како Гбатокаи, прикажува луцидно, остро веродостојно отсликување на ликот. Кај сè се чини како да е едноставно најдено како решение за гест и реакција, но гледаме дека токму во тоа се содржат и потслоеви. Убав е и природниот ненападен хумор што го носи во себе. Димитрија Доксевски го игра Хелмут во добро обмислена, точно стилизирана и грациозна визура. Промените што ги доживува ликот, од формалност и куртоазност, достоинство и почит до бессознание, темелна вознемиреност, паника и бунило, Димитрија ги прави многу верно како нераздвоен дел од „вистината“ на приказна т.е. од самата приказна. И јасно, убавина и среќа е да се гледа младата девојка Анастасија Аневска, која многу интуитивно го игра Девојчето, но и духот на сестрата на Кристијан, Михаел и Хелене. Рамо до рамо со професионалците, сериозно, допадливо, без сигнал за скромност или непријатност на сцената. Лазе Манасковски како Поул остварува толку специфична улога, тој владее со особините на ликот. Вешто се движи во неговиот спектар на карактеристики од напорен, полупараноичен, само себеси важен аристократ – до духовит, адаптибилен, разумен човек. Имајте предвид дека сите овие актери и тие што сега ќе ги спомнам, сите тие, во силната режија на Зоја Бузалковска, опфаќаат уште слоеви и содржински поднебја, за кои просторот овде не ни дозволува да одиме во подробности. Предраг Павловски е Ким и многу впечатливо го користи својот простор во дејството, дава доста комплетна и дефинитивно реска слика за ликот. Златко Митрески многу комично, но рафинирано, суптилно и минуциозно доследно го изведува ликот Ларс. Со тоа што авторите и самата приказна не му оставаат многу простор за зборови, Златко вербалниот лимит интелигентно и проникливо го користи за дојде до прецизен израз во физичките акции, гестовите, движењата, мимиката итн. И конечно, ова истото може да му се припише на Ѓорги Тодоровски, кој ни го носи загадочниот и забавен лик, Дедото. Тој во приказната кажува навидум ситни, глупави, небитни работи, кои сенилно ги повторува, но тие стојат на точно утврдени места и со многу јасна намера да ни разоткријат и тоа како важни, пикантни детали и да поентираат. Ѓорги го доживуваме баш како тој Дедо од приказната поради високата актерска свест и посветеност – навистина умешна, топла и духовита изведба на Дедото.

Костимите, кои овие актери ги носат, многу елегантно, автентично (и во поглед на данската мода и личниот израз) и необично ги направила Марија Пупучевска. Тие ни ја покажуваат и традиционалната и аристократска Данска во некаков иден, постсовремен стил. Самиот спој прави контрадикција што е содржински присутна во драмата, но и ни кажува многу за гнилоста, за вештачките односи, за закоравените сфаќања кои сè уште живеат заглавени во нов аватар, во нова облека.

Драматуршки сè е изведено со голема почит и употреба на авторското, кое веќе постои во адаптацијата. Александра Бошковска е драматург и очигледно, во тесна соработка со Бузалковска и со целата актерска екипа, успеала кристално јасно да ги пренесе драмските сцени на самата сцена, притоа додава на моменти наш контекст без ниеднаш да излезе од рамките на универзалниот, светскиот, кој го има во делото. Доста важен фокус е даден на политичките коментари, на антирасистичките, на дискриминаторските, на фашистичките елементи во приказната. Точно и убаво сработено од Бошковска, Бузалковска и од актерите.

За сето ова да биде вака изведено, за целиот сценски подвиг, супер основа понудил Благоја Бошковски – Буцко, кој ја превел адаптацијата. Неговиот јазик е современ и одговара на ликовите, на нивниот јазичен стил, на регистарот, на нивниот личен речник, па затоа дава една динамична, тотално сценски игрива платформа што верно ја преведува драмата.

Во претставата се случуваат борби што јасно доаѓаат од оригиналот. Поради овие борби целата драма на сцената и околу неа (затоа што актерите го користат и просторот на гледалиштето) се случува толку сурово, просто изненадувачки реално. Дарко Велиќ навистина одлично се заложил сценските движења и борби да бидат не само интегриран дел туку и пресудниот линк, допир со неминовната, непосредната стварност.

Комплетната, стабилна, цврста, интригантна режија на Бузалковска заедно со останатата екипа ни прикажуваат изведба што нетипично, иритирачки заводливо, тотално ве вовлекува во поднебјето на прославата, куќата, на целата фамилијарна драма. Пишувам „иритирачки“, затоа што кога ќе погледнете во публиката, сигурно ќе најдете повеќе луѓе што го чувствуваат ужасот, драмата, но и убавината во животот на ликовите. Тогаш гледате набој во нивните вилици, непријатност во очите, полни од страдањата, воздишките, конфронтациите, животните драми. И сè тоа суптилно и просто моќно е надополнето со noise (музика, звуци), кои се појавуваат од време на време па во претставата и приказната носат заканувачко-навестувачки, длабок, меланхоличен, но истовремено многу енергичен тон.

За цена на билет од две пијачки или некаде една, со задоволство ќе влезам во салата на Драмски. Направете една возбудлива и стрмоглава пауза поради неминовната реалистичност со која ве освојува претставата „Фестен“.

Горјан Милошевски

(превземено од www.PopUp.mk)

Јуни
П В С Ч П С Н
27 28 29 30 31 1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30

Огласи