Со голема тага се простуваме од режисерот Љубиша Георгиевски кој остава голема трага во театарската историја на НУ Драмски театар Скопје...
Љубиша Георгиевски (30 мај 1937, Битола - 6 декември 2018, Скопје) - режисер, педагог и дипломат
Дипломирал на Театарската академија во Белград (1961). Работел на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како професор по актерска игра и режија (1979-2000). Визитинг професор по онтологија и феноменологија на театар на Southern Callifornia во Лос Анџелес и University of Texas во Далас, САД. Како режисер се потпишува на над 160 театарски претстави во и надвор од Р. Македонија.. Автор е на неколку драмски текстови, книги од областа на театрологијата како и на повеќе од 200 колумни во дневниот весник „Дневник“. Покрај театрскиот и филмски ангажман како режисер и професорскиот ангажман на ФДУ, Георгиевски извршува општествено – дипломатски функции како: Амбасадор на Република Македонија во Република Бугарија (2000-2004); Амбасадор на Република Македонија во Република Србија (2009-2013); Претседател на Собранието на Р. Македонија (2006-2008)
Селективна театрографија (ДТС): Тројанки (1966); Самоил (1966); Партитура за еден Мирон (1967); Покојник (1967); Адам и Ева и Јов (1970); Оскар (1970); Клисарот (1971); Скриената шапка и празникот на шапката (1972); Достага на самиот врв на највисоката власт (1975); Црнила (1977); Непокор (1977); Дон Жуан (1980); Еригон (1982); Хај-фај (1983); Macedonische Zustande (1984); Југословенска антитеза (1985); Керубин 2096 (1986); Р (1987); Слободен лов (1988); Лице и опачина (1989); Вообразен болен (1993); Чекајќи го Годо (1994); Ревизор (1995); Гардеробер (1996); Филоктет (1998); Јована Орлеанска (2000) Александар (2009); Евангелие на глупоста (2014); Кристофор Колумбо (2016); Папагалот Историко (2017).
Селективна филмографија: По исто небо (1964); Патека (1967); Планината на гневот (1968); Републиката во пламен (1969); Цената на градот (1970).
Награди: Награда за режија на Здружението на драмските уметници на СР Македонија за претставата „Арсеник и стара тантела“ (1962); Награда за најдобра режија на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ за претставата „Хамлет“ (Прилеп, 1965); Награда за најдобра режија на Фестивалот „Стериино позорје“ за претставата „Покојник“ (Нови Сад, 1966); Златен ловоров венец за режија на Фестивалот „Мали и експериментални сцени“ (МЕСС) за претставата „Партитура за еден Мирон“ (Сараево, 1969); Награда за најдобра режија од Здружението на драмските уметници на Босна и Херцеговина за претставата Пелиново (1972); Награда за најдобра режија на Театарските игри во Јајце за претставата „Пелиново“ (Јајце, Босна и Херцеговина, 1972); Златен ловоров венец за режија на Фестивалот МЕСС за претставата Јама (Сараево, 1974); Награда за најдобра режија на Театарските игри Јоаким Вуиќ за претставата Голгота (1974); Златен ловоров венец за најдобра режија на Фестивалот МЕСС за претставата „Достага на самиот врв на највисоката власт“ (Сараево, 1976); Златен ловоров венец за најдобра режија на Фестивалот МЕСС за претставата Свадбата на Мара (Сараево, 1977); Златен ловоров венец за најдобра режија на МЕСС за претставата Живата сфинга (Сараево, 1978); Награда за најдобра режија од СИЗ (Самоуправна интересна заедница) за култура на Војводина за претставата „Пасквелија“ (1979); Награда за најдобра режија на Фестивалот „Стериино позорје“ за претставата „Гробница за Борис Давидовиќ“ (Нови Сад, 1981); Награда за најдобра режија на МТФ „Војдан Ченодрински“ за претставата Хамлет (Прилеп, 1990); Награда за најдобра сценска адаптација на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставата Хамлет (Прилеп, 1990); Награда за најдобра режија на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставата „Црнила рививал“ од Коле Чашуле, (Прилеп, 1994) и други.